Обработка, анонимизација и псевдонимизација на лични податоци
Што е обработка на лични податоци?
Обработката на личните податоци ја опфаќа секоја операција или збир на операции кои се извршуваат врз личните податоци, или група на лични податоци, како што се: собирање, евидентирање, организирање, структуирање, чување, приспособување или промена, повлекување, консултирање, увид, употреба, откривање преку пренесување, објавување или на друг начин правење достапни, усогласување или комбинирање, ограничување, бришење и уништување. Обработката на личните податоци може да се јави во два облика: автоматизирана и неавтоматизирана (мануелна).
Автоматизирана обработка на лични податоци
Автоматизираната обработка на лични податоци ги опфаќа операциите на личните податоци што се вршат целосно или делумно на автоматизиран начин (со помош на комјутер, мобилен уред, друг уред).
Профилирање
Профилирањето се однесува на секоја форма на автоматска обработка на лични податоци, која се состои од користење на лични податоци за оценување одредени лични аспекти поврзани со физичкото лице, а особено за анализа или предвидување на аспекти кои се однесуваат на извршување на професионалните обврски на тоа физичко лице, неговата економска состојба, здравје, лични преференции, интереси, доверливост, однесување, локација или движење.
Директен маркетинг
Директниот маркетинг ја опфаќа комуникацијата која е остварена на било кој начин според најновите технолошки достигнувања, заради испраќање на рекламна, маркетиншка или пропагандна содржина (на пр.комуникација преку електронска пошта). Обработката на личните податоци за целите на директниот маркетинг е дозволена само доколку претходно се обезбеди согласност од страна на субјектот на личните податоци. Покрај тоа, на поединците мора да им биде дадено право во секое време, да приговараат на таквата употреба на нивните лични податоци (да имаат можност да се исклучат), како и од профилирање во мера во која тоа е поврзано со директниот маркетинг. Правото на „исклучување“ мора да биде бесплатно. Субјектите на лични податоци исто така мора да бидат информирани за ова право на јасен начин, одделно од другите информации.
Неавтоматизирана (мануелна) обработка на лични податоци
Неавтоматизираната (мануелна) обработка на лични податоци ги опфаќа операциите што се вршат на личните податоци во мануелен систем за архивирање, односно преку посебно структуирано хартиено досие, кое ги прави достапни личните податоци според определени критериуми. На пр.: Ако работодавачот води хартиено досие, под наслов „отсуства на вработени“, каде што се содржани сите детали за отсуствата што ги користеле вработените во измината година по азбучен ред, таквото досие претставува мануелен систем за архивирање.
Збирка на лични податоци
Збирката на лични податоци е структуирана група лични податоци која е достапна согласно со специфични критериуми, без оглед дали е централизирана, децентрализирана или распространета на функционална или географска основа.
Анонимизација на податоци
Анонимизацијата е операција со која сите идентификувачки елементи се отстрануваат од групата на лични податоци, така што субјектот на податоците повеќе не може да се идентификува. Кога податоците се успешно анонимизирани, истите не припаѓаат повеќе во категоријата на лични податоци и за нив не важат правилата за заштита на лични податоци. Таквите анонимизирани информации можат понатаму да се користат за статистички или истражувачки цели.
Псевдонимизација на податоци
Псевдонимизацијата е операција преку која се овозможува личните податоци да не можат повеќе да се поврзат со одреден субјекти на лични податоци без да се користат дополнителни информации, под услов таквите дополнителни информации да се чуваат одделно и да подлежат на технички и организациски мерки со кои ќе се обезбеди дека личните податоци не се поврзани со идентификувано физичко лице или физичко лице кое може да се идентификува. За разлика од анонимизираните податоци, псевдонимизираните податоци сѐ уште се сметаат за лични податоци, како информации кои содржат податок за лице што може да се идентификува, и истите подлежат на правилата за заштита на личните податоци.
Исклучоци од правилата за заштита на лични податоци
Правилата за заштита на личните податоци не се применуваат на обработката на лични податоци за лични или домашни цели. Во дигитално време, станува се потешко да се одреди која обработка е лична или домашна. За таа цел, се користат помошни критериуми, и тоа: Дали личните податоци се објавуваат на неограничен број на лица, или само на ограничена група роднини, пријатели или познаници? Дали личните податоци засегаат и поединци кои немаат личен или домашен однос со лицето што ги објавува? Дали има доказ за група поединци што делуваат заедно на колективен и организиран начин? Дали обемот и зачестеноста на обработката на личните податоци упатува на професионална или работна активност? Дали има потенцијално негативно влијание врз поединци, вклучително и упад во нивната приватност?
Исто така, обработката на личните податоци исклучиво за новинарски цели, или за целите на академско, уметничко или книжно изразување подлежи на дерогации од извесни одредби.
Доколку Ви е потребна правна помош во делот на заштита на лични податоци, кликнете овде за повеќе информации.

