Адвокат за штета и осигурување

Секој оштетен има право на фер, правичен и целосен надомест – Адвокат за штета и осигурување

 

АДВОКАТ ЗА НАДОМЕСТ НА ШТЕТА И НАДОМЕСТ ОД ОСИГУРУВАЊЕ 

Зошто Ви е потребен адвокат во остварување на Вашето право за надомест на штета (оштета) и надомест од осигурување? Штетите се меѓу најзастапените, но истовремено се и помеѓу најспецифичните случаи. За таа цел, потребна е соодветна правна експертиза и искуство во докажување на причинетата штета, односно опасноста од нејзино настанување.

 

1. Основи на штета

Во зависност од причината за настанување, штетата може да биде:

  • договорна (на пр. повреда на договорна обврска за испорака на стока во определен рок) или
  • вондоговорна (на пр. штета причинета како резултат на сообраќајна незгода, каснување од куче).

Во зависност од видот на одговорноста на штетникот, штетата може да биде:

  • субјективна (на пр. штета причинета со намера или невнимание) или
  • објективна ( на пр. штета настаната како резултат на вршење на опасна дејност – хемиска индустрија).

Во зависност од видот на последиците, штетата може да биде:

  • материјална (на пр. оштетување на возило, трошоци за лекување),
  • нематеријална (на пр. претрпени физички болки, страв, нарушена репутација) и
  • еколошка (на пр. загадување на почва, воздух, вода).

 

2. Услови за остварување на правото на надомест на штета (оштета) и осигурување

Како би можела да настане обврската за надомест на штета потребно е кумулативно да постојат неколку елементи: штетник, оштетен, штетно (противправно) дејствие и штетна последица.

Покрај ова, потребно е да постои и причинско-последична врска помеѓу штетното дејствие на штетникот и штетната последица на оштетениот, чие докажување честопати бара специфични доказни средства – вештачења од стручни лица. Токму разноликоста на видовите на штета, а особено товарот за нивно докажување, нужно бара адвокатот да поседува соодветна правна експертиза. Наша предност е што остваруваме солидна соработна со квалитетни стручни лица – вештаци заради докажување на причината и висината на штетата.

 

3. Видови на штета и осигурување

 

3.1. Материјална штета

Материјалната штета е секое намалување на нечиј имот (на пр. трошоци за поправка на оштетено возило) или спречување на негово зголемување (на пр. изгубена добивка во висина на приходите кои сте спречени да ги остварувате поради оштетување на возилото).

 

3.2. Нематеријална штета

Нематеријалната штета е секоја повреда на Вашите лични права на телесно и душевно здравје во вид на страв, физички болки, душевни болки поради намалени општи животни активности или нагрденост, како и поради повреда на Вашите права на чест, углед и приватност (во случај на навреда, клевета или незаконита обработка на лични податоци).

 

3.3. Еколошка штета

Еколошката штета е секоја штета која настанува врз животната средина и природата, како резултат на причинување на штета на почвата, водата, воздухот и биодиверзитетот (заштитените видови и природните живеалишта). Законот предвидува можност за поднесување барањето за заштита од еколошка штета (преку мерки на превенција и мерки на ремедијација) од страна на неопределен круг на лица. Речиси секое лице се смета за оштетен во однос на еколошката штета и има право да бара нејзина превенција или санирање.

 

4. Нашето искуство и поле на работа како адвокат за штета и осигурување

Горди сме на фактот што нашата адвокатска канцеларија поседува 12+ годишно искуство во оваа материја, работејќи катадневно на разновидни штети, со тесна специјализација во случаи за надомест на материјална и нематеријална штета по основ на автоодговорност (сообраќајна незгода). Во рамките на нашето работење сме оствариле соработка со десетици стручни лица, особено од областа на медицината, сообраќајот, машинството, градежништвото, земјоделството, шумарството и водостопанството.

 

4.1. Правни услуги за надомест на штета и осигурување

Нашата адвокатска канцеларија Ви нуди правно советување и застапување во постапки пред надлежни органи и други субјекти во врска со сите видови на штета, а кои настануваат како резултат на:

  • сообраќајна незгода;
  • каско осигурување;
  • каснување од куче;
  • каснување од други домашни или диви животни;
  • лизгање на мраз/снег;
  • повреда на работа;
  • осигурување од незгода и несреќен случај;
  • осигурување од (професионална) одговорност;
  • поседување на опасен предмет;
  • вршење на опасна дејност (над дозволените граници);
  • дејствие на работник (спрема работодавач, работник или трето лице);
  • дејствие на малолетник или душевно болно лице;
  • повреда на правото на чест и углед (навреда и клевета);
  • нарушување на правото на приватност (право на заштита на лични податоци);
  • повреда на слободата на изразување (заштита на новинари и медиуми);
  • повреда на договорни обврски;
  • загадување на почва, воздух, вода;
  • диви депонии;
  • други случаи;

 

Доколку Ви треба правен совет или помош околу Вашето право или обврска за надомест на штета, слободно контактирајте Нѐ!