Засегнати лица во обработката на личните податоци

 

Субјект на лични податоци

Единствени корисници на правилата за заштита на лични податоци се идентификуваните физички лица, односно физичките лица кои можат да се идентификуваат. Правните лица не можат да се јават како носители на правото на заштита на личните податоци, но можат да се јават како носители на правото на приватност (право на углед и репутација).

 

Идентификувано лице

Идентификацијата подразира постоење на елементи кои го опишуваат поединецот на начин на кој истиот се разликува од другите субјекти (на пр. единствениот матичен број на граѓанинот). Исто така, личното име (име и презиме) на поединецот може да се смета за таква информација. Но, со оглед дека имињата честопати се повторуваат може да биде неопходна дополнителна информација заради утврдување на идентитетот на лицето (на пр.: датум на раѓање, адреса на живеење и сл.). Во други случаи, можат да се користат и други идентификатори за утврдување на идентитетот на лицето (на пр.: за носители на јавни функции, доволно е да наведе функцијата на лицето, како би можел да се утврди неговиот идентитет).

 

Лице кое може да се идентификува

Се смета дека лицето може да се идентификува доколку информацијата содржи елементи преку кои може директно или индиректно да се утврди идентитетот на лицето. Како дополнителни информации за оваа цел можат да послужат: ХТТП-колачиња, сметки од мобилен телефон, IP-адреса, податоци за локација, потрошувачки навики на лицето и сл. Притоа, потребно е да постои разумна можност за идентификување на лицето, кое подразбира таквите информации да можат да се добијат со разумни трошоци, во разумно време од страна на сите евентуални корисници на информациите. Со други зборови, доколку идентификацијата на лицето бара неразумно време, напор, средства, таквото лице нема да се смета како лице кое може да се идентификува, а оттука и таквите податоци нема да потпаѓаат под правилата за заштита на лични податоци.

 

Контролор на лични податоци

Контролор може да биде физичко или правно лице, орган на државната власт или правно лице основано од државата за вршење на јавни овластувања, агенција или друго тело, кое самостојно или заедно со други ги утврдува целите и начинот на обработката на личните податоци. На пр.: Иако одделението за човечки ресурси во определена компанија ги обработува податоците на вработените, компанијата, а не нејзиното одделение, се јавува како контролор. Во поновата судска практика на Судот на Правдата на ЕУ во случајот „Гугл Шпанија“, дефиницијата на контролорот е видно проширена и на интернет-пребарувачите. Според Судот, операторот на прелистувачот ги утврдува целите и средствата за активноста, правејќи ги внесените податоци на интернет-страниците достапни за секој корисник на интернет што го пребарува името на субјектот на податоци, поради што истиот потпаѓа под опфатот на „контролор на лични податоци“.

 

Обработувач

Обработувач е физичко или правно лице, орган на државната власт, државен орган или правно лице основано од државата за вршење на јавни овластувања, агенција или друго тело кое ги обработува личните податоци во име на контролорот.

 

Офицер за заштита на лични податоци

Офицерот за заштита на личните податоци е овластено лице за заштита на личните податоци, определено од страна на контролорот на личните податоци, во следните случаи:

  • обработката се врши од страна на орган на државна власт, освен за судовите кога постапуваат во рамките на нивните надлежности, а кои ќе определат офицер за друга обработка на личните податоци која се врши согласно со закон;
  • основните активности на контролорот или обработувачот се состојат од операции за обработка, кои поради својата природа, опсег и/или цели бараат во голема мера редовно и систематско следење на субјектите на лични податоци; или
  • основните активности на контролорот или обработувачот се состојат од обемна обработка на посебни категории на лични податоци или лични податоци поврзани со казнени осуди и казнени дела.

Офицерот за заштита на личните податоци може да биде вработен кај контролорот или обработувачот или да ги извршува работите врз основа на договор за услуги (надворешен соработник).

Група на правни лица може да определат еден офицер за заштита на личните податоци, под услов офицерот за заштита на лични податоци да биде лесно достапен за секое правно лице во рамки на групата, Агенцијата и субјектите на лични податоци.

Офицерот за заштита на личните податоци се определува врз основа на неговите стручни квалификации, а особено врз основа на стручни знаења за легислативата и практиките во областа на заштитата на личните податоци, при што истото треба:

  • да ги исполнува условите за вработување,
  • активно да го користи македонскиот јазик,
  • во моментот на определувањето со правосилна судска пресуда да не му е изречена казна или прекршочна санкција забрана за вршење на професија, дејност или должност,
  • да има завршено високо образование, и
  • да има стекнати знаења и вештини во однос на практиките и прописите за заштита на личните податоци, согласно со одредбите од овој закон.

Контролорот или обработувачот јавно ги објавува контакт-податоците за офицерот за заштита на личните податоци и ја известува Агенцијата.

 

Корисник на лични податоци

Корисник на личните податоци е физичко или правно лице, орган на државната власт, државен орган или правно лице основано од државата за вршење на јавни овластувања, агенција или друго тело на кое му се откриваат личните податоци без разлика дали е тоа трето лице или не, со исклучок кога органите на државната власт и државните органи на кои им се откриваат личните податоци во рамките на посебна истрага во согласност со закон, која обработка во тој случај мора да биде во согласност со важечките правила за заштита на личните податоци според целите на обработката.

 

Трето лице

Трето лице е физичко или правно лице, орган на државната власт, државен орган или правно лице основано од државата за вршење на јавни овластувања, агенција или друго тело, кое не е субјект на лични податоци, контролор, обработувач или лице, кое под директно овластување на контролорот или обработувачот е овластено да ги обработува податоците.

 

Доколку Ви е потребна правна помош во делот на заштита на лични податоци, кликнете овде за повеќе информации.