Лични податоци и работни односи

 

Многу од рутинските активности кои се вршат во доменот на работните односи, вклучуваат и обработка на личните податоци на вработените. Обработката на личните податоци на вработените се случува уште пред започнување на работниот однос – во фазата на вработување и продолжува за времетраењето на работниот однос, а може да продолжи и по неговиот престанок. Актуелните новитети во управувањето со човековите ресурси, организацијата на работењето и информатичката технологија го интензивираа и проширија прибирањето на личните податоци за потребите на работното место. Секое собирање, употреба и чување на информациите за вработените може да биде опфатено со законодавството за заштита на личните податоци. Не ретко се случува работодавачот да ја следи е-поштата на вработените, нивниот пристап до интернет или пак податоците на вработените да ги собира преку видео-надзор. Општите правила за обработка на личните податоци важат и за обработката на личните податоци во рамките на работниот однос.

 

Во однос на обработката на личните податоци, вработените се сметаат за субјекти на лични податоци, а работодавците за контролори на личните податоци на вработените. Вработените имаат право да бидат информирани за видот на личните податоци кои се предмет на обработка, за целите на обработката, како и за субјектите на кои редовно им се доставуваат податоците, целта и правната основа за таквите операции. Претставниците на вработените можат да добијат пристап до личните податоци на вработените само до онаа мерка која е доволна за да им се овозможи да ги застапуваат интересите на вработените, или во случај доколку таквите податоци се потребни за извршување или надзор над извршувањето на обврските утврдени со колективните договори.

 

Личните податоци кои се собираат за целите на работниот однос треба да се добијат директно од секој вработен. Личните податоци кои се собираат за регрутирање мора да се ограничат на информации кои се потребни да се оцени погодноста на кандидатите и нивниот потенцијал за кариера. Што се однесува до критичките податоци во врска со работењето или потенцијалот на поединечните вработени, истите мора да бидат засновани на праведни и искрени проценки и не смеат да бидат навредливи во начинот на кој се формулирани.

 

Чувствителни лични податоци собрани заради вработување можат единствено да се обработуваат во посебни случаи и во согласност со дополнителни заштитни механизми кои ги надополнуваат законски пропишаните. Работодавачите можат да ги прашаат вработените или кандидатите за работа за нивната здравствена состојба или можат да извршат лекарски преглед само доколку тоа е неопходно и пропорционално на работното место на кое ќе работат.

 

Податоците мора да се собираат за конкретни, јасни и легитимни цели и да не бидат дополнително обработувани за цели кои не се компатибилни со претходните. Личните податоци мора да бидат соодветни, релевантни и да не се прекумерни. Евиденцијата за работниот однос мора да биде точна и ажурирана. Работодавачот мора да преземе соодветни технички и организациски мерки на работното место со кои ќе се гарантира дека личните податоци на вработените ќе бидат безбедни.

 

Вработените имаат право на пристап до, исправка или бришење на личните податоци во точно определени законски случаи. Работодавачот може да пристапи до електронската комуникација на работното место само врз основа на безбедносни или други посебни легитимни причини, откако претходно вработените ќе бидат информирани за таквата можност на работодавачот. 

 

Обработката на личните податоци за потребите на работниот однос  во многу случаи (треба да) се потпира на други легитимни основи различни од согласноста на вработениот, од причина што вработените речиси никогаш не се во состојба слободно да дадат, одбијат или повлечат согласност. Имајќи ја во предвид нерамнотежата во моќта, вработените можат да дадат слободна согласност само во исклучителни случаи, односно кога нема да се соочат со какви било последици од прифаќањето или одбивањето на таквата обработка.

 

Доколку Ви е потребна правна помош во делот на заштита на лични податоци, кликнете овде за повеќе информации.