Видео надзор и лични податоци

 

Која е намената на видео надзорот?

Видео надзорот може да се врши за повеќе намени, и тоа: за лични / домашни активности, за обезбедување на јавната / државната безбедност, како и за службени / деловни цели. Правилата за заштита на личните податоци не се применуваат на видео надзорот кој се користи исклучиво за лични активности или активности во рамки на домаќинството, или кога обработката е поврзана со јавната безбедност, одбраната, државната безбедност или спроведувањето на кривичните закони.

 

Видео надзорот во службени или деловни простории може да се врши заради остварување на точно определени цели:

  • заштита на животот или здравјето на луѓето;
  • заштита на сопственоста;
  • заштита на животот и здравјето на вработените поради природата на работата; или
  • обезбедување на контрола над влегување и излегувањето од службените или деловните простории само за безбедносни цели.

 

Забрането е вршење на видео надзор во гардероби, соблекувални, санитарни јазли и други слични простории. Вршењето на видео надзорот задолжително наложува истакнување на јасно и видливо известување со цел запознавање со фактот дека на одреден простор се врши видео надзор. Снимките се чуваат до исполнување на целите за кои се врши, но не подолго од 30 дена, освен ако со друг закон не е предвиден подолг рок.

 

За вршењето на видео надзорот во едностанбени и повеќестанбено објекти задолжително е потребна писмена изјава за согласност од најмалку 70% од вкупниот број на сопственици, станари, односно закупци на станови. Забрането е снимање на влезовите на индивидуалните станови на други сопственици, станари, односно закупци. Исто така, забрането е пренесување на снимките од видео надзорот во едностанбените и повеќестанбените објекти преку кабелска телевизија (јавна или интерна мрежа), преку интернет или други електронски средства за пренос на податоци.

 

Доколку Ви е потребна правна помош во делот на заштита на лични податоци, кликнете овде за повеќе информации.