Право на приватност и заштита на лични податоци

 

Правна рамка

Правото на приватност и заштитата на личните податоци се загарантирани не само со националното законодавство – Уставот на Република Северна Македонија и Законот за заштита на личните податоци, туку и со меѓународните инструменти на Советот на Европа – Европската конвенција за заштита на човековите права (ЕКЧП) и Конвенцијата за заштита на поединци во врска со автоматската обработка на личните податоци (Конвенција 108+), чија потписничка е Република Северна Македонија, како и со правната рамка на Европската Унија – Повелбата за основните права во ЕУ и Општата Регулатива за заштита на личните податоци (GDPR).

 

ЕКЧП го штити правото на поединецот од произволно мешање на јавната власт (државата). Но, правото на приватност не е апсолутно право. Истото може да биде ограничено од страна на јавната власт доколку кумулативно се исполнети три услови:

  • ограничувањето на правото на приватност е утврдено со закон,
  • ограничувањето има легитимна цел – заштита на државната и јавната безбедност, економската благосостојба на државата, заштита на поредокот и спречување на вршење на кривични дела, заштита на здравјето и моралот и заштита на правата и слободите на другите, и
  • ограничувањето е неопходно во едно демократско општество.

 

Судската практика на Европскиот суд за човекови права изобилува со бројни случаи кои потпаѓаат под член 8 од ЕКЧП (правото на приватност), и тоа: чување на информации за приватниот живот на поединецот (вклучително и неговите деловни активности и врски со „надворешниот“ свет), следење и пресретнување на телефонски и поштенски пратки, следење на работното место, користење надзорни снимки, заштита на угледот (имиџот) и репутацијата на поединецот.

 

Конвенцијата 108+ го штити поединецот од злоупотреби во врска со обработката на личните податоци која се врши од страна на јавниот или приватниот сектор, обезбедувајќи повисок степен на заштита на т.н.чувствителни лични податоци, а истовремено ги регулира и меѓународните текови на личните податоци.

 

Лични податоци

Личните податоци ја опфаќаат секоја информација која се однесува на идентификувано физичко лице или физичко лице кое може да се идентификува (субјект на лични податоци), односно информации за лице чиј идентитет е очигледен или може да се утврди со дополнителни информации (на пр.: име и презиме, матичен број, домашна адреса, број на кредитна картичка, податоци за локација, IP адреса, потрошувачки навики и сл.). Биометриските, генетските и здравствените податоци припаѓаат во групата на чувствителни категориии на лични податоци, и како такви уживаат повисок степен на заштита.

 

Посебни категории на лични податоци

Станува збор за податоци кои по својата природа можат да претставуваат поголем ризик за субјектите на податоци при обработката (на пр.: да бидат предмет на дискриминација), поради што е потребен повисок степен на заштита. Станува збор за податоци кои откриваат расно или етничко потекло, политички ставови, верски или други филозофски убедувања или членство во синдикални организации, како и генетски податоци, биометриски податоци, податоци што се однесуваат на здравјето или податоци за сексуалниот живот или сексуална ориентација на физичкото лице. Од овие причини, обработката на овие посебни категории во принцип е забранета и има ограничен број услови во кои истата е законска (доколку истите се објавени од субјектот на лични податоци, доколку истиот дал изречна согласност, доколку обработката на овие податоци е уредена со закон за конкретна цел во врска со јавниот интерес или јавното здравје, вработување или социјална заштита). Договорниот однос со субјект на лични податоци не се смета за правна основа за легитимна обработка на чувствителни податоци, освен при постоење на договор со здравствено стручно лице што подлежи на обврската за службена тајна.

 

Облик на чување на личните податоци

Обликот во кој личните податоци се чуваат е ирелевантен за примената на правилата за заштита на личните податоци. Писмената и усната комуникација може да содржи лични податоци, исто како и сликите, снимките или звуците од видео-надзорните камери. Електронски снимените информации, како и отпечатените информации, потпаѓаат во доменот на лични податоци. Личните податоци опфаќаат информации за лицето за неговиот приватен живот, професионални активности, како и јавниот живот. На пр.: Евалуацијата спроведена од претпоставениот за работењето на вработениот која се чува во неговото работно досие, претставува личен податок на вработениот, без оглед дали истата целосно или делумно се темели на индивидуалното мислење на претпоставениот. Исто така, платата за конкретно работно место за конкретен вработен се смета за личен податок на тој вработен. Од друга страна, општите информации за плата во дадена компанија не се сметаат за лични податоци.

 

Допирни точки помеѓу приватноста и заштитата на лични податоци

Правото на приватност како поширок концепт ја опфаќа заштитата на личните податоци како потесен концепт, но истотака опфаќа и други области. Правото на приватен живот не е ограничено само на „внатрешниот“ круг во кој лицето може по слободен избор да го живее својот личен живот. Правото на приватен живот го опфаќа и правото да се формираат и развиваат односи со други човечки суштества од „надворешниот“ свет. Од друга страна, заштитата на личните податоци се активира секогаш кога постои обработка на лични податоци, без оглед дали таквата обработка повлекува мешање во приватниот живот на поединецот.

 

Доколку Ви е потребна правна помош во делот на заштита на лични податоци, кликнете овде за повеќе информации.