Постапка за купување на имот: Кога Ви е потребен Преддоговор, а кога Договор? (ПРВ ДЕЛ)
Актуелната економска, здравствена и енергетска криза мотивираше сѐ поголем број на граѓани, па и бизнис-субјекти да ги вложат своите парични средства во недвижности – станови, куќи, деловни објекти, земјишта. Без оглед дали сакате да го решите Вашето станбено прашање, или да се стекнете со пасивен приход од изнајмување на недвижности, купувањето на недвижности е мошне исплатлива инвестиција. Сепак, неопходно е да бидете особено внимателни пред склучување на (Пред)договор за купопродажба на недвижности, како би избегнале непотребни главоболки.
Секогаш побарајте правна помош од адвокат при склучување на Договори. Нашата адвокатска канцеларија има богато искуство во доменот на склучување на најразлични видови договори.
За да бидете максимално правно заштитени при купување на недвижности, Ве советуваме да обрнете внимание на следните работи:
(Пред)договорот за купопродажба на недвижност не е терковски договор
Иако целта кај сите договори за купопродажба на недвижности е иста, начинот на кој ќе се изврши трансакцијата варира од случај до случај. Па така, со договорот страните можат да се договорат за:
– купување на веќе изграден стан или стан во градба,
– еднократно или повеќекратно плаќање на цената,
– плаќање на цената лично или преку трето лице (најчесто банка),
– предавање на клучевите на денот на плаќање на остатокот од цената или дополнително,
– целосна или ограничена одговорност кај Продавачот за недостатоците на предметот што се продава,
– предвидување на договорна казна за неисполнување на договорот и сл.
Различните ситуации бараат различно правно уредување. Како би можеле да одлучите кој начин на вршење на трансакцијата е најдобар за вас и како правно да се заштитите, секогаш побарајте правен совет од адвокат. Нашата адвокатска канцеларија има богато искуство во доменот на склучување на најразлични видови договори. Дополнително, имајте во предвид дека договорите за купопродажба со вредност над 10.000, евра задолжително мораат да бидат потврдени со адвокатски печат и потпис. Минималниот износ на адвокатскиот надомест за состав на договори е определен со Адвокатската Тарифа на Адвокатската Комора на РСМ.
Кога Ви е потребен Преддоговор?
Доколку постои определена причина поради која страните не можат веднаш да го склучат и исполнат Договорот, се препорачува склучување на Преддоговор. Најчесто станува збор за ситуации кога на Купувачот му е потребен кредит од банка или станот што се купува сѐ уште не е изграден. Со Преддоговорот страните се обврзуваат за суштинските елементи на Договорот – предавање на определена недвижност и плаќање на определена цена, а воедно се договараат и за рокот во кој треба да биде склучен главниот Договор. Овој рок може да биде поврзан со определен ден, месец, година или со преземање на определено дејствие (на пр. исплаќање на кредит од банка). Исто така, потребно е Преддоговорот да биде заверен на нотар. Притоа, имајте во предвид дека нотарот нема надлежност да испитува дали договорните страни се согласуваат со тоа што го потпишуваат, туку само да ги завери нивните потписи, односно да потврди дека лицата со наведените податоци во Преддоговорот, се потпишале лично. Дополнително, Ве советуваме да побарате од нотарот кај кого ја правите заверката на потписите, да впише забелешка за склучен Преддоговор во катастарот на недвижности. Ова Ви го препорачуваме за да бидете сигурни дека недвижноста која ја купувате нема да биде отуѓена на друго лице за времетраење на важноста на Преддоговорот, односно до склучување на главниот Договор.
Кога Ви е потребен Договор?
Доколку не постојат пречки за исполнување на договорните обврски од двете страни, или доколку се исполнил условот од Преддоговорот, страните можат да пристапат кон склучување на главен Договор. Договорот за купопродажба задолжително мора да биде солемнизиран од нотар. На овој начин, Договорот стекнува својство на јавна исправа и е подобен за уписот на новиот сопственик/ци во катастарот на недвижности.
Доколку сакате да дознаете повеќе за чекорите кои последователно треба да ги преземете, прочитајте на следниот линк.
Доколку Ви е потребна правна помош околу склучување на Договор или Преддоговор за купопродажба, слободно контактирајте не.

