АДВОКАТ ЗА ВИСТИНСКИ СОПСТВЕНИК –  Согласно Законот за спречување перење на пари и финансирање на тероризам (Службен весник на РСМ бр.151/2022 од ден 04.07.2022 година), компаниите и другите правни лица имаат обврска да извршат идентификација на вистинскиот сопственик, како и негова регистрација.

 

Постапката за регистрација се спроведува пред Централниот регистар на Република Северна Македонија. Истата задолжително мора да се поведе во рок од 15 дена од денот на основањето, односно промените на правното лице. Во спротивно, субјектот може да биде задолжен со глоба, која може да изнесува и до 60.000,оо денари. За целите на регистрација, неопходно е ангажирање на овластен регистрационен агент – адвокат за вистински сопственик. 

 

Нашата адвокатска канцеларија има овластување на регистрационен агент за спроведување на сите постапки пред Централниот регистар. Вклучително, нудиме и услуги за регистрација на вистинскиот сопственик.

 

1. Трговски друштва – вистински сопственик

Вистинскиот сопственик на компанијата, односно правното лице е секогаш физичко лице, кое се идентификува според еден од двата критериуми, и тоа:

  • сопственоста во правното лице, како примарен критериум, и
  • ефективната контрола врз правното лице, како секундарен критериум.

Со други зборови, вистински сопственик на правно лице е:

  • Физичкото лице кое крајно го поседува или го контролира правното лице. Станува збор за лице со над 25% сопственост од уделите, акциите, правата на глас или другите права во правното лице; како и
  • Физичкото лице кое има висока управувачка позиција во правното лице. Станува збор за лице кое со закон и интерните акти е овластено да управува и е одговорно за работењето на правното лице.

 

2. Други правни лица – вистински сопственик

За вистински сопственик на домашни и странски здруженија и нивни сојузи, установи, комори, синдикати, политички партии, задруги, верски заедници, заедници на сопственици или други организации во кои учеството во управувањето врз основа на сопственички удел во капиталот не е можно да се утврди, се смета секое физичко лице кое е овластено да ги застапува, или физичкото лице кое има контролна позиција во управувањето со имотот на организацијата.

 

3. Трговец – поединец или самостојни вршители на дејност – вистински сопственик

Вистински сопственик на трговец – поединец или самостојни вршители на дејност е физичкото лице регистрирано за вршење на дејноста, кое во исто време е единствен овластен претставник.

 

4. Буџетски корисници – вистински сопственик

Вистински сопственик на буџетски корисник е раководителот на буџетскиот корисник.

 

5. Правно лице во државна сопственост – вистински сопственик

Вистински сопственик на правно лице во државна сопственост е лицето кое управува или раководи со органот на управување.

 

6. Правно лице кое е во постапка на стечај или ликвидација – вистински сопственик

Вистински сопственик на правно лице кое е во постапка на стечај или ликвидација е стечајниот управник, односно ликвидаторот до завршувањето на постапката на стечај, односно ликвидација.

 

Доколку Ви е потребен совет или помош околу спроведување на постапката за регистрација на вистинскиот сопственик на Вашата компанија, слободно контактирајте Нѐ!