АДВОКАТ ЗА ПОДРУЖНИЦА И ПРЕТСТАВНИШТВО НА СТРАНСКО ДРУШТВО – Постапката за организирање на подружница на странско друштво, односно странски трговец – поединец, како и постапката за основање на претставништво на странско друштво се спроведува пред Централниот регистар на Република Северна Македонија. За таа цел, неопходен е ангажман на овластен регистрационен агент – адвокат.
Нашата адвокатска канцеларија има овластување на регистрационен агент за спроведување на сите постапки пред Централниот регистар. Вклучително, нудиме и услуги за основање или бришење на подружница или претставништво на странско друштво.
Во кој случај се основа подружница, а во кој случај претставништво на странска компанија?
Доколку странска компанија има намера да обавува трговска дејност во Македонија, потребно е да основа подружница на странско друштво.
Доколку странска компанија има намера само да врши истражување на пазарниот потенцијал во Македонија, односно да врши промоција и препознатливост на услугите и добрата што ги нуди на својот домашен терен, потребно е да основа претставништво на странско друштво. Притоа, претставништвото нема право да врши трговска дејност, односно да остварува профит. Претставништвото нема својство на правно лице. Евентуалните обврски и одговорности кои ќе настанат од работењето на претставништвото, паѓаат на товар на странската компанија.
Каков правен статус има подружницата на странската компанија?
Подружницата на странското друштво има целосна правна и деловна способност во правниот промет. Ова нешто вклучува и пристап до судовите на територија на Република Северна Македонија. Подружницата настапува во правниот промет во име и за сметка на странското друштво. Притоа, странското друштво одговара со целиот свој имот за обврските кои настануваат со работењето на подружницата.
Колку подружници може да основа странската компанија?
Странскиот трговец – поединец има можност да организира само една подружница. Странското друштво има можност да организира една или повеќе подружници. Доколку се организираат повеќе подружници, потребно е да се означи главна подружница. Истата ќе се смета како македонска централа на друштвото во поглед на неговата дејност во Македонија. Останатите подружници ќе се сметаат како споредни подружници на главната подружница.
За секоја подружница странското друштво, односно странскиот трговец – поединец назначува застапник, кој истовремено може да застапува повеќе подружници на странското правно лице.
Кои се обврските на подружницата на странската компанија?
Подружницата на странското друштво има обврска редовно и уредно да ги води трговските книги, а истотака има обврска секоја година да ја објавува годишната сметка и ревизорскиот извештај, прибелешките во трговскиот регистар или во друг соодветен регистар, како и сите други прибелешки коишто се значајни за финансиската положба на странското друштво, односно на странскиот трговец – поединец.
Како престанува подружницата на странското друштво, односно странскиот трговец – поединец?
Подружницата престанува во случај кога ќе престане да постои странското друштво, односно странскиот трговец – поединец, или кога ќе истече времето за коешто е основана. Исто така, подружницата може да престане и со судска одлука во точно определени случаи.
Во случај на престанок на главната подружница, односно македонската централа, а останатите подружници продолжуваат со работа, странското друштво определува нова главна подружница и истата задолжително ја пријавува во Централниот регистар.
Доколку Ви треба правен совет или помош околу постапката за основање или бришење на подружница на странско друштво или странски трговец – поединец, односно претставништво на странско друштво, слободно контактирајте Нѐ!
