Тркалезна маса на тема: „Предизвици и придобивки од препознавањето на дискриминацијата како основ за судски спор во судскиот деловник“

Мрежата за заштита од дискриминација организираше тркалезна маса на тема „Дискриминација како основ за судски спор во судскиот деловник“, со цел да се дискутираат можни решенија со сите засегнати страни за зголемување на пристапноста до судските одлуки за дискриминација, со што ќе се зголеми транспарентноста во работата на судовите, ќе се зголемат можностите за следење на состојбите и креирање на соодветни политики за унапредување.

На настанот зедоа учество претставници од правосудниот сектор, адвокати, новинари, студенти, претставници на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација како и учесници од здруженијата на граѓани кој работи во областа на дискриминацијата.

Адвокатката Тамара Славеска Апостоловски, претставничка на Адвокатската комора, зборуваше за пристапноста до судските одлуки како обврска на државата. Славеска Апостоловски истакна дека транспарентноста е од исклучително значење, особено увидот во различните основи на дискриминација. Според неа, во Судскиот деловник е потребно да се воведе посебна ознака за означување на случаите кои се однесуваат на дискриминација. Со ова не само што ќе се зголеми нивната видливост во јавноста, туку ќе се овозможи и поголем пристап до правда на маргинализираните заедници. Дополнително, издвојувањето на овие предмети би значело и можност за специјализација на судиите во областа на дискриминацијата.